01.10.2022 Скопје
На церемонијата на официјалното започнување на комерцијалните операции на врската во Софија, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека гасниот интерконектор меѓу Грција и Бугарија значи слобода од руската зависност.
Според Урсула фон дер Лајен, проектот е нова ера за Бугарија и за Југоисточна Европа, бидејќи ќе овозможи проток на гас од други извори освен Русија.
Фон дер Лајен нагласи дека Бугарија порано добиваше 80% од гасот од Русија, но по почетокот на страшната војна во Украина и енергетската војна против Европа, овој проект ја менува играта за Бугарија и за европската енергетска безбедност. Лајен потенцира дека тоа значи слобода, слобода од зависноста од рускиот гас, додавајќи дека преку интерконекторот може да се транспортира доволно гас за да се покријат сите национални потреби на Бугарија.
Претседателката на Европската комисија потсети дека проектот бил на маса за реализација од 2009 година, кога Бугарија беше силно погодена од одлуката на „Гаспром“ да го намали гасот преку Украина, што доведе до екстремно сурови студени денови на почетокот на јануари за Бугарите, особено во големите градови.
Лајен нагласи дека беше потребна голема одлучност за да се постигне целтаа, заблагодарувајќи им се на градителите и на серијата бугарски и грчки влади што ја овозможија гасната врска. Воедно, изјави дека ЕУ од самиот почеток ја поддржала реализацијата на проектот и политички и финансиски со вкупно околу 250 милиони евра.
Претседателката на Европската Комисија, Лајен, посочи дека благодарение на проектите како бугарско-грчкиот, Европа ќе има доволно гас за зимата, а потсети и дека ЕУ се сврте кон алтернативни добавувачи на гас, како што се Азербејџан, Норвешка и Алжир и ги обврза земјите да обезбедат резерви со полнење на нивните складишта за гас, а истовремено да продолжат да инвестираат во обновливи извори на енергија.
Подготвено од А.Ѓ.