07.10.2022 Скопје
По пет години, оваа недела Северна Кореја лансираше балистички проектил што го прелета јапонското копно, што налета на остри реакции од голем број на светски сили.
Во текот на вчерашниот ден, Токио соопшти дека не биле преземени одбранбени мерки за уништување на ракетата, прва што прелета над јапонските острови од 2017 година.
Проектилот, според извештаите поминал 4.500 километри, пред конечно да падне во Тихиот Океан. Со таков дострел, тестираната ракета би можела да го погоди американскиот остров Гуам.
Во 2022 година, ракетните тестови на Северна Кореја се интензивираа, а во јуни веќе беа на рекордно високо ниво.
Податоците од Иницијативата за нуклеарна закана покажуваа дека тестирањето на вакви проектили, од страна на Северна Кореја, повторно е во пораст по 2018 година, кога земјата не изврши ниту еден тест.
Во 2018 година и почетокот на 2019 година, два самита меѓу севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и тогашниот американски претседател Доналд Трамп ги запреа таквите тестирања, но на крајот не даде конкретни резултати, бидејќи реториката меѓу двете нации повторно брзо се вжешти.
Кога демонстрацијата на Северна Кореја за нејзината способност да стигне до САД со своите ракети доведе до дипломатска криза, 2019 година заврши со исто толку ракетни тестови како и 2017 година.
Меѓу 2018 и 2021 година немаше тестови со интерконтинентални и проектили со среден дострел, но годинава Северна Кореја веќе изврши еден таков успешен тест.
Северна Кореја, според податоците, од 2012 година до сега извршила тестови со краток, среден, долг и интерконтинентален дострел.
Од 1984 година, Северна Кореја има извршено 191 ракетни тестови.
Подготвено од А.Ѓ.