07.10.2022 Скопје
Ако сте во потрага по здрава ужина, тогаш јаткастите плодови се вашиот совршен избор. Тие се богати со здрави масти и се препорачуваат доколку сакате здрава закуска. Сепак, најздравиот од нив, особено доколку сакате да го одржите здравјето во средните и доцните години, е оревот. Ова го откриле истражувачите од Универзитетот во Минесота во чие истражување биле вклучени 3023 испитаници, на возраст од 18 до 30 години и кое траело околу 20 години.
Истражувачите откриле дека оние кои редовно консумирале ореви биле помалку изложувани на срцеви заболувања за разлика од другите испитаници, а воедно биле физички поактивни и се хранеле поздраво од другите.
Научниците дојдоа до заклучок дека консумирањето јаткасти плодови само по себе претставува поттик за здрава исхрана и здрави навики во животот.
Оревите содржат омега-3 масни киселини кои имаат антиинфламаторно дејство и ја подобруваат работата на срцето. Згора на тоа, тие содржат и влакна кои го урамнотежуваат нивото на шеќерот во крвта.
Подготвено од А.Ѓ.