19.10.2022 Скопје
Со пораката „Јас сум повеќе од она што се случи” , УНИЦЕФ во соработка со Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Делегацијата на Европската Унија, отпочнува нова кампања за подигање на свеста за влијанието на психолошките трауми врз децата што доаѓаат во контакт со правосудниот систем.
Целта на кампањата е да се развие разбирање во јавноста дека, како и сите други деца, децата во контакт со правосудниот систем носат во себе надеж за подобра иднина, и кога општеството и институциите на системот ќе им помогнат да ја надминат доживената траума, тие ќе ја вратат силата и самодовербата и ќе можат да се соочат со животните предизвици.
Децата што го прекршуваат законот, децата што се жртви или сведоци на кривични дела и насилство доживуваат траума. Многу од нив и понатаму се соочуваат со огромни пречки, меѓу кои се и негативните културни норми и ставови, како и недоволна запознаеност на семејствата и заедниците со нивните права на заштита, како и поради недостиг од средства. Институциите на системот не се секогаш запознаени со тие права, немаат процедури и постапки по мерка на децата.
Според најновите истражувања на УНИЦЕФ, општата јавност и стручните лица што работат во системот за заштита на децата го разбираат начинот на кој траумата влијае врз животот на децата, 80% од испитаниците веруваат дека повеќето деца доживуваат некаков вид траума во нивното детство, а 74% мислат дека повеќето деца во судир со законот доживеале тешки трауми.
Во јавноста сè уште преовладува ставот дека треба да се применуваат казнени мерки за поправање на однесувањето на детето и многумина имаат негативни перцепции за децата што доаѓаат во контакт со законот.
Најновите истражувања на УНИЦЕФ покажуваат и дека висок процент испитаници веруваат дека се неопходни построги казнени мерки за децата да размислат пред да сторат кривично дело (74%) и да научат да разликуваат правилно од погрешно (73%) и дека децата со сериозни проблеми во однесувањето треба да бидат казнувани за да се поправат (69%).
Податоците на глобално ниво покажуваат дека казнените мерки за корекција на однесувањето на детето може да имаат доживотни негативни последици. Казнувањето не му помага на детето да заздрави од траумата. Напротив, може да го стигматизира, да го зголеми неговото чувство на неприпаѓање и да ја намали самодовербата.
Од друга страна, кога полициските службеници, социјалните работници, обвинителите, судиите и стручните лица во институциите ќе го разберат и ќе одговорат на она што детето го доживеало, тие ќе можат на позитивен начин да го одредат патот до закрепнување за децата. Кога и заедницата има исто такво разбирање, тогаш уште повеќе се зајакнува патот на закрепнување.
Кампањата „Јас сум повеќе од она што се случи“ содржи видео сведовшта засновани на вистински приказни на деца кои доживеале сиромаштија, загуба на родители, болест, недостиг на љубов и, кога биле оставени сами на себе да се справат со тешките животни околности, дошле во контакт со правосудниот систем, бидејќи сториле престап или биле жртви на запоставување или насилство.
Четири деца и млади што биле сместени во воспитно-поправни установи или мали групни домови напишаа блогови, во кои ги раскажуваат своите животни приказни.
Филмот „Мудроста на траумата“, на Заја и Маурицио Бенацо во кој учествува и др. Габор Мате, ќе биде прикажан во киното „Фросина“ на 25 октомври, како дел од кампањата.
Кампањата е дел од пошироката двегодишна програма „Правда за децата – ЕУ за малолетничка правда и правда по мерка на децата“.
Подготвено од А.Ѓ.