https://www.facebook.com/photo.php?fbid=623743432452830&set=pb.100044515356135.-2207520000..&type=3

13.10.2022 Скопје

Северна Македонија која преговара за полноправно членство во Европската Унија и земја која е во процес на скрининг, доби позитивен годишен Извештај на Европската комисија за 2022 година, прв по отварањето на преговорите во јуни оваа година, информираше вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.

Маричиќ истакна дека по направената анализа на Извештајот, го радува фактот што може да се каже дека Северна Македонија има одржливи реформи и препознатлив напредок.

На самиот почеток, Европската комисија во Извештајот го поздравува почетокот на преговарачкиот процес на Северна Македонија, што беше потврдено и од страна на комесарот Вархеји, за време на вчерашната прес-конференција со изјавата дека „Одржувањето на Меѓувладината конференција на 19 јули 2022 година е нова пресвртница во односите меѓу Северна Македонија и Европската Унија“.

Маричиќ и европскиот амбасадор, Дејвид Гир, ги анализираа дел од кластерите, а главен акцент беше ставен на работата на Собранието. Гир во своето обраќање посочи дека е потребен напор од сите политички партии во државата со цел да се засили улогата на Собранието.

Оценката за вкупната подготвеност на Северна Македонија за 2022 година е „добро ниво на подготвеност“, информираше вицепрениерот Маричиќ, и ова покажува дека покрај сите внатрешни, но и надворешни предизвици со кои се соочуваме, сепак имаме стабилен континуитет во вкупната подготвеност на земјата, и тоа треба да биде уште поголем поттик за сите нас.

Маричиќ порача дека очекува земјата и регионот да бидат вклучени во механизмите на ЕУ за снабдување на храна и енергенси. Како особено важен дел, Маричиќ ја посочи констатацијата на Комисијата дека процесот на скрининг се одвива непречено, а земјава покажува високо ниво на посветеност.

Сите препораки кои се во Извештајот ќе ги дискутираме заедно и ќе ни користат како основа за ажурирање на Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија, кое е презентирано на објаснувачките состаноци. Овој документ до крајот на оваа година ќе биде ревидиран и ќе биде основа за подготовка на преговарачките позиции на Северна Македонија, додаде Маричиќ.

Подготвено од М.Н.

About Author