01.10.2022 Скопје
Денеска во Софија, претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на церемонијата по повод почетокот на комерцијалната работа на гасниот интерконектор Грција – Бугарија изјави дека пуштањето во употреба на гасниот интерконектор Грција – Бугарија е значаен настан, бидејќи се случува во клучен момент, кога нашиот регион и континентот се соочуваат со изгледите за тешка зима, зголемена инфлација и преголема невработеност.
Шефот на државата, Стево Пендаровски, изјави и дека интерконекторот отвора нова, сигурна порта за диверзифициран природен гас, не само за земјите домаќин, туку, во крајна линија, и за Југоисточна Европа.
Пендаровски потенцира дека овој настан се случува во време на повеќекратни кризи, кои меѓусебно се засилуваат. Воедно, истакна дека во времето кога светот постепено се опоравуваше од разорните ефекти на пандемијата, неодговорната руска агресија во Украина предизвика енергетска криза со огромно социо – економско влијание.
Претседателот Пендаровски упати честитки на Азербејџан за конструктивната улога во текот на целиот потфат и ги поздрави Грција и Бугарија, што се подготвени да ја прошират енергетската инфраструктура во нашиот регион. Исто така, истакна дека колку сме повеќе меѓусебно поврзани, толку поотпорни ќе бидеме на енергетските предизвици од секаков вид, како и дека Северна Македонија за да обезбеди одржлив развој и да ги задоволи потребите на бизнисте и домаќинствата, Северна Македонија мора да стане дел од оваа мрежа за природен гас.
Според Пендаровски, за да се постави сето ова во поширока перспектива, заедно со посилна регионална соработка, итно ни е потребна и поголема европска солидарност. Воедно, изјави дека паневропската солидарност на дело може да ги ублажи ефектите од акумулираниот евроскептицизам, нуспроизвод на долготрајната европска интеграција. Во вакви околкности, најдобриот начин за ублажување на негативните последици врз нашите економии е Европската Унија да го одобри нашето пристапување во нејзините механизми, фондови и инструменти за управување со кризи.
Претседателот Пендаровски, во своето обраќање на церемонијата што се одржа во Националната палата на културата во Софија, истакна дека ако нашата иднина е во Обединета Европа, цела и слободна, како што е кажано многу пати, време е да се намали меѓудржавната конкуренција, да се погледне малку подалеку од тесните национални интереси и да се зајакне солидарноста и соработката како единствен излез од оваа невидена глобална ситуација со која се соочуваме. Пендаровски заклучи дека ова е идеална можност слоганот „Заедно сме посилни“ конечно да се материјализира, со заеднички напори на сите нас.
Гасниот интерконектор ИГБ ја поврзува мрежата за пренос на природен гас на Грција во близина на градот Комотини со бугарската преносна мрежа во близина на градот Стара Загора. Имплементацијата на проектот има за цел да обезбеди диверзификација, не само на рутите, туку и на изворите на природен гас за Бугарија и поширокиот регион.
За Македонија, гасниот интерконектор ИГБ има и дополнително значење, бидејќи ќе ни овозможи пристап и до складиштето за природен гас во Чилен во Бугарија, преку кој може да набавуваме ЛНГ од терминалот во грчкиот град Александрополис, а во текот на летото кога е поевтин и да го складираме во Бугарија, со можност да го користиме на зима кога е најпотребен.
Диверзификацијата на изворите со природен гас, треба да обезбеди сигурност во снабдувањето со природен гас за земјава на среден и долг рок, како и одлична можност за зголемување на перформансите на домашната економија, која може да биде конкурентна со земјите од регионот.
Подготвено од А.Ѓ.