03.10.2022 Скопје
Официјалните податоци покажаа дека годишната инфлација во Турција достигна ново ниво од 84 отсто во септември, бидејќи растечките цени на суровините продолжуваат да ги погодуваат домаќинствата кои веќе се притиснати од високите трошоци за енергија, храна и домување.
Турскиот институт за статистика објави дека потрошувачките цени во септември се зголемени за 3,08 отсто во однос на претходниот месец.
Транспортниот сектор, со 117,66 отсто, бележи највисок годишен пораст на цените, а потоа следуваат цените на храната и безалкохолните пијалаци, кои според статистиката пораснале за 93 отсто.
Економските експерти тврдат дека инфлацијата е многу повисока од официјалната статистика, а независна група за истражување на потрошувачките цени процени дека годишната стапка на инфлација е 186,27 отсто.
Минатиот месец, турската централна банка ја намали референтната каматна стапка на 12 отсто и покрај растот на цените, падот на лирата и нерамнотежата на тековната сметка.
Подготвено од А.Ѓ.