https://www.facebook.com/ssmmkd/photos/a.118686309769658/631167991854818

08.10.2022 Скопје

Државниот завод за статистика пресмета дека трошоците за живот во август се зголемиле за 18,7 проценти во однос на истиот месец минатата година. Притоа, храната за една година поскапела за 28,7 проценти, транспортот за 13,6 проценти, трошоците за ресторани и хотели се зголемени за 26,1 проценти.

Во однос на храната, најголемото зголемување е кај лебот и житата и изнесува 47,7 проценти, потоа на мастите и маслата – 44,8 проценти, а на млекото, сирењето и јајцата растот е за 36 проценти.

Сојузот на синдикати на Македонија пресмета дека синдикалната минимална кошница за септември достигна 50.224 денари. Од ССМ велат дека Владата и работодавачите го честитаа 7 Октомври – Меѓународниот ден за пристојна работа со непристојни плати и непристојна работа, со сиромашни работници и граѓани кои веќе не можат да си ги дозволат основните потреби за егзистенција. Воедно, потенцираат дека поради се поевидентното зголемување на цените, имаме тренд на осиромашување на работниците и граѓаните и итно е потребно зголемување на платите, со кое работниците без да се грижат за нивната егзистенција ќе можат да си ги овозможат трошоците најмалку во висина на една синдикална потрошувачка кошница.

ССМ бара доследна примена на одредбите од колективните договори за усогласување на платите согласно порастот на инфлацијата, продолжување на важењето на досегашни анти-кризни мерки со замрзнување на маржата кај досега определените продукти, како и проширување на повеќе прехранбени продукти, но и бесплатен градски превоз до и од работа. ССМ, воедно, бара да се воведе повторно мерката за право на платежна картичка за купување домашни производи и плаќање на сметките за електричната енергија за одредена категорија на работници и граѓани кои се најзагрозени и најпогодени од економската криза.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author