27.10.2022 Скопје
Резултатите од годишното истражување за климата спроведено во август, кое во четвртокот го објави Европската инвестициска банка, покажуваат дека 81 процент од хрватските граѓани сметаат дека војната во Украина и високите цени на енергијата треба да ја забрзаат зелената транзиција.
Со таков резултат, Хрватска води меѓу земјите од ЕУ и е за 15 процентни поени над просекот на ЕУ од 66 отсто.
Резултатите од истражувањето покажаа дека граѓаните на Хрватска се повеќе од кога било свесни за влијанието на климатските промени и потребата од итна акција. Воедно, резултатите покажуваат дека 88 отсто од хрватските граѓани веруваат дека доколку драстично не ја намалиме потрошувачката на енергија и стоки во наредните години, ќе бидеме на пат кон глобална катастрофа.
Во исто време, 93 отсто од нив наведуваат дека властите се премногу бавни во делувањето против климатските промени, а само 32 отсто сметаат дека Хрватска ќе успее значително да ги намали емисиите на јаглерод до 2030 година.
Подготвено од А.Ѓ.