22.10.2022 Скопје
Парламентот на Холандија усвои резолуција со која државата треба да се спротистави на пристапувањето на Бугарија и Романија во Шенген зоната.
Холандски пратеници побараа од владата на Марк Руте да стави вето на пристапот на Бугарија и Романија кон Шенген. Тие сакаат да го анализираат функционирањето на владеењето на правото и намалувањето на корупцијата и организираниот криминал во двете земји.
Европскиот парламент донесе резолуција со огромно мнозинство, барајќи од земјите членки на Шенген да дозволат двете земји да се приклучат на зоната за слободно движење на Европската Унија без понатамошно одложување.
Бугарскиот претседател Румен Радев, по повод резолуцијата на холандскиот Парламент против приемот на двете земји во Шенген зоната, смета дека Бугарија и Романија стануваат заложници на внатрешната политика во Холандија, каде претстојат избори. Воедно, Радев посочи дека Холандија сега е сама и сите земји стојат зад Бугарија, како и дека има уверување од чешкото претседателство дека ќе работи на решавање на ова прашање.
Според Радев, важно е во време на економска криза да не се стои со блокирани граници.
Во моментов, земјите од ЕУ, Бугарија, Хрватска, Кипар, Ирска и Романија не се дел од Шенген зоната, која исто така вклучува и земји што не се членки на ЕУ – Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.
Подготвено од А.Ѓ.