djokovikj i federer

31.10.2022 Скопје

Новак Ѓоковиќ, во интервју со поранешната француска тенисерка Марион Бартоли за „RMS Sport“, изјави дека е мотивиран да ја пишува историјата на тенисот и дека еден ден ќе се повлече од овој спорт како што тоа го направи Федерер.

Пред почетокот на Мастерсот во Париз, Ѓоковиќ изјави дека има многу параметри за кои треба да се разговара, но е мотивиран да ја напише историјата на тенисот, а остава на другите да се расправаат за тоа дали е најдобриот тенисер на сите времиња.

За одлуката на Федерер да се пензионира и последниот одигран негов натпревар во професионалната кариера кој го одигра на Лејвер купот во септември, српскиот тенисер Ѓоковиќ изјави дека има најголема почит кон Федерер и таа вечер не постоело ривалство, само неизмерна почит, надевајќи се дека еден ден ќе замине и тој како Федерер.

Ѓоковиќ оваа сезона настапи само на девет турнири.

Српскиот тенисер призна дека се што се случуваше во Австралија влијаело на неговата емоционална и психичка состојба, како и на неговата игра, но успеал да го најде тоа посакувано ниво и токму тоа се случи на крајот од сезоната на земјена подлога. Вимблдон секогаш доаѓа во вистинско време во неговата кариера. Воедно, потенцираше дека кога му е потребна голема доза самодоверба и голема титула, Вимблдон е секогаш тука.

Српскиот тенисер во кариерата шест пати го освојуваше Мастерсот во Париз.

Ѓоковиќ го задржа седмото место на најновата АТП листа, која беше објавена денеска. Воедно, собра 4.320 бодови, а во Париз започнува Мастерс турнирот каде ја брани титулата.

Српскиот тенисер Ѓоковиќ ќе биде слободен на стартот на турнирот, а прв ривал ќе му биде подобриот од мечот меѓу Аргентинецот Диего Шварцман и Американецот Максим Креси. Мастерсот во Париз се игра за награден фонд од 5,4 милиони евра.

Првата позиција и понатаму ја држи Шпанецот Карлос Алкараз со 6.730 бодови, додека втор е неговиот сонародник Рафаел Надал со 5.810.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author