17.10.2022 Скопје
Европската Унија ја засилува својата воена поддршка за Украина, со мисија за обука на 15.000 украински војници на територијата на ЕУ, што се очекува да почне денеска и доделување на нови 500 милиони евра за набавка на оружје.
Европски функционер истакна дека тоа е голем чекор и прв од ваков вид за ЕУ и смета дека никогаш не е извршена мисија од такви размери од страна на ЕУ.
Дипломатски извор соопшти дека се очекува министрите за надворешни работи на 27-те земји членки на денешниот состанок во Луксембург да ги одобрат тие две одлуки и мисијата веднаш да почне да функционира.
Министрите, исто така, треба да поддржат уште 500 милиони евра воена помош, со што вкупниот износ доделен од почетокот на руската инвазија во февруари, ќе достигне 3,1 милијарди евра.
Во различни земји на ЕУ, особено во Германија и во Франција, се одржуваат курсеви за обука на украинските војници, кои се обучуваат да користат оружје, ракетни фрлачи и системи за противвоздушна одбрана, доставено од Европа.
Во саботата, Франција соопшти дека ќе обучи до 2.000 украински војници на нејзина територија.
Според европски извор, целта е да се обезбеди основна обука за 12.000 украински војници и специјализирана обука за 2.800 други.
Подготвено од А.Ѓ.