04.10.2022 Скопје
Директорот за Русија во дипломатската служба на ЕУ, Микаел Сиберт, го повика на разговори рускиот в.д. амбасадор, Кирил Логвинов.
Европската Унија преку Сиберт ја повторила својата најостра осуда за нелегалната анексија на четирите украински области од страна на Руската Федерација и непризнавањето на референдумите.
Микаел Сиберт, директорот за Русија во дипломатската служба на ЕУ, побара од рускиот амбасадор да пренесе во Москва дека мора итно да ја укине одлуката за анексија и веднаш да се повлече целосно од украинската територија.
Како што соопштуваат од руската страна, Кирил Логвинов на Сиберт му го предал говорот на рускиот претседател Владимир Путин, одржа на 30 септември во Кремљ, и истакнал дека непризнавањето на референдумите од страна на ЕУ, како и нејзина осуда, нема да имаат влијание врз свесниот избор што го направија жителите на овие области во полза на Русија.
Од ЕУ истакнаа дека ќе продолжат да испраќаат финансиска и воена помош на Киев, а најавија и нов пакет на санкции против Москва.
Во руското соопштение стои дека овие унилатерални мерки се нелегитимни и неоправдани и испратено е предупредување дека овие мерки ќе имаат последици врз глобалната енергетска и прехранбена безбедност, тоа истовремено ќе ја влоши социоекономската состојба на европските граѓани.
Руската страна во Брисел информира дека Москва, преку амбасадорот, предупреди дека идејата за создавање воена мисија за помош на Украина од страна на ЕУ ќе се смета за директно инволвирање на ЕУ во војната.
Од ЕУ информираа дека одлуката да се свика рускиот дипломатски претставник во ЕУ била координирана одлука на сите земји членки на ЕУ по последната ескалација од страна на Русија во војната.
Подготвено од А.Ѓ.