14.10.2022 Скопје
На шестиот состанок на Конференцијата за соработка и градење доверба во Азија, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повика на праведен крај на руско-украинската војна и верува дека постојат дипломатски начини за решение и покрај сложеноста на одредени прашања.
Конференцијата за соработка и градење доверба во Азија се одржа во Астана, Казахстан.
Турскиот лидер Ердоган повика и на продолжување на дијалогот за да се постигне итен прекин на крвопролевањето во Украина. Воедно, истакна дека човештвото минува низ сложен период на промена на рамнотежата на силите на светската сцена, за што е потребна реформа на Обединетите нации.
Според Ердоган, глобалната безбедносна архитектура мора да се формира врз основа на нова перцепција заснована врз поголема правичност и застапеност на земјите и регионите.
Претседателот на Турција обрна внимание и на безбедносните предизвици, нагласувајќи ја важноста од борбата против сите обиди за поддршка на терористичките организации. Ердоган како неприфатлив го посочи диференцираниот пристап кон криминалните организации. Исто така, се осврна и на ситуацијата во Авганистан и ја повика меѓународната заедница да не го остава авганистанскиот народ сам со своите проблеми, истакнувајќи дека Анкара ја дава сета помош што може.
За економската соработка меѓу земјите, Ердоган истакна дека Анкара се декларира за развој на транспортни коридори, за создавање нов пат на свилата што ќе ја поврзе Азија со Европа.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган уште еднаш ја искористи можноста да нагласи на присуството на над четири милиони бегалци и мигранти во Турција.
Подготвено од А.Ѓ.