Image by jannoon028 on Freepik

28.10.2022 Скопје

Во извештајот на Меѓународната агенција за енергија, со седиште во Париз, се наведува дека руската инвазија врз Украина и големата енергетска криза предизвикана од војната многу веројатно ќе предизвика ефектот на „ стаклена градина“, максимална емисија на штетни гасови во атмосферата да се случи за две години од сега, поточно во 2025 година.

Во извештајот на агенцијата се потенцира дека глобалната енергетска криза, како последица на агресијата врз украинската територија и војната на Истокот од Европа, може да доведе до длабоки и долгорочни промени што ќе имаат потенцијал да се забрза преминувањето на поодржив и побезбеден систем.

На една недела пред одржувањето на светската конференција за климата, во Египет, Меѓународната агенција за енергија во својот годишен извештај за 2022 година предупредува на големиот јаз меѓу богатите и сиромашните земји, во однос на вложувањата во енергијата со мал процент на јаглен двооксид, па ја повикува меѓународната заедница да интервенира за да се намали тој се поголем и се позагрижувачки расчекор.

Податоците покажуваат дека и покрај вложувањата и т.н. климатски инвестиции, на глобално ниво, емисијата на штетните гасови во светот може да го достигне предупредувачкиот врв од 37 милијарди тони веќе во 2025 година, а да се намали на 32 милијарди дури четврт век подоцна, односно во 2050 година.

Тоа ќе предизвика просечната температура, до 2100 година да се зголеми за 2,5 степени што сигурно е недоволно за да се избегнат тешките последици врз климата во светот. Затоа Меѓународната агенција за енергија инсистира на потребата од големи вложувања во чистата енергија, како во т.н. наречената „зелена енергија“, онаа со мошне мал процент на карбон, така и во нуклеарната.

Меѓународната агенција за енергија во својот извештај наведува дека светот и целата меѓународна заедница имаат голема работа и обврска да се премостат разликите што продолжуваат да се зголемуваат меѓу развиените економии и оние во развој, кога станува збор за вложувањата во чистата енергија.

Антонио Гутереш, генералниот секретар на ОН, повикува светот да престане да смета на користењето на фосилните горива, кои ги обвинува дека го имаат доведено човештвото на работ од катастрофа.

Според Гутереш, сегашната енергетска криза ќе беше избегната ако светот доволно инвестираше во обновливите извори на енергија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author