https://www.flickr.com/photos/carmoreman/19302297103/in/photolist-vpFjrV-2jAU4cC-2ns1yt1-2nBqUcg-24EWQ3T-2jFmXYT-2gKsF8g-2kkFKW6-Ud3FLr-2m7t7F1-25n3ggF-9avQ5P-2krdSAT-nM8kiC-24xVFME-5B7XA7-2bJoAzA-rwEs2Z-taiJiS-6dmk7k-5Jm6uu-Kfiuno-2jCzMmY-9ayYBb-JDimUd-zwZxDm-2nNbBGT-GaVehM-DW7DNC-sqXR9z-6aXgDP-boNqek-9qiqba-2it9VW7-8cYKXZ-cTECg1-QTLkPb-5B7W1G-tscQfu-dtUPYf-2ngrw7k-2aR12ir-5ijGce-P74zgW-2mdfZzw-2j4epUJ-et5keD-FKNR7f-6cPB8f-MfnEMt

22.10.2022 Скопје

Во Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава се констатира дека Северна Македонија е умерено подготвена во областа на енергетската политика, воедно е постигнат ограничен напредок, особено со усвојувањето на Националниот план за енергија и клима и инвестициите во соларни електрани, но треба да ја забрза својата транзиција кон обновливи извори и значително да ја намали зависноста од гас.

Во наредната година се препорачува дека треба да заврши раздвојувањето (сертификацијата) на системот за пренос на гас и да се зголеми бројот на вработени и техничкиот/инженерскиот капацитет во Секторот за енергетика во Министерството за економија и во Агенцијата за енергетика.

За вкупното распределено количество во 2021 година се посочува дека изнесуваше околу 426 милиони кубни метри или за 26,13 отсто повеќе во споредба со 2020 година.

Во Извештајот од ЕК се истакнува дека гасот сочинува околу 11 отсто од производството на електрична енергија, а 100 проценти од гасот во земјата се увезува од Русија преку едно поврзување. Поврзувањето со регионалните гасоводи напредува бавно. Работите на гасната интерконекција со Грција сè уште не се започнати. Овој проект, како што се соопштува во Извештајот, ќе поддржи диверзификација на изворите на природен гас и ќе го олесни пристапот до транзитните цевководи.

Понатамошното подобрување на енергетската ефикасност, вклучително и во станбените и јавните згради, како што се нагласува, е важно за да се намали зависноста на економијата од увоз на енергија и да се овозможи намалување на фискалните субвенции за енергија.

Се препорачува земјава да го усвои и спроведе законодавството за спроведување на енергетска ефикасност, да ги искористи придобивките од гаранциите за потекло на Енергетската заедница и да потпише директен договор со давателот на услугата за користење на националниот електронски регистар за издавање, поништување и трговија на гаранции за потекло, во согласност со стандардите на ЕУ.

Се нагласува дека веќе е усвон Закон за задолжителни нафтени резерви и е формирана Агенција за задолжителни нафтени резерви, како и планови за ослободување на залихите во случај на вонредна состојба.

Се потенцира дека операторите на преносните системи на Северна Македонија и Грција потпишаа договор за соработка за поврзувањето со гасни интерконекции во септември 2021 година.

Пазарите на електрична енергија и гас, како што се посочува, се отворени за конкуренција.

Цените на бензинот, се додава, на големо се целосно дерегулирани, но пазарот останува неликвиден без виртуелна трговска точка.

Изменетиот национален акциски план за обновлива енергија, се истакнува дека е во согласност со ревидираната обврзувачка цел од 23 отсто од енергијата да доаѓа од обновливи извори на енергија до 2020 година и 24 отсто до 2025 година.

Сè уште, како што се вели, не постои електронски систем за издавање, пренос и укинување на гаранциите за потекло.

Четвртиот акциски план за енергетска ефикасност, се додава, е усвоен во септември 2021 година.

За нуклеарна енергија, нуклеарна безбедност и заштита од радијација, се нагласува дека земјава ги има ратификувано релевантните меѓународни конвенции и е полноправна членка на системот за итна размена на радиолошки информации на Европската заедница (ECURIE).

Енергетската политика на ЕУ опфаќа снабдување со енергија, инфраструктура, внатрешниот пазар на енергија, потрошувачите, обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, нуклеарна енергија и нуклеарна безбедност и заштита од радијација.

Подготвена од А.Ѓ.

About Author