27.10.2022 Скопје
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, смета дека посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на земјава е исклучително поволен знак на заедништвото и поддршката од Европската Унија и потврда за оправданоста на нашата стратешка определба за полноправно членство во Европската Унија.
Собраниската прес-служба соопшти дека Џафери присуствувал на заедничката вечера што ја приреди претседателот Стево Пендаровски во чест на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и на која присуствуваше државниот врв и шефот на Мисијата на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир.
Во соопштението стои дека Џафери изразил задоволство за нејзиното доаѓање, токму во овој период кога целиот регион се соочува со влијанијата од актуелната енергетска криза, особено имајќи предвид дека нејзиното доаѓање е во насока на претставување на дополнителната поддршка што Европската Унија ќе и ја даде на Република Северна Македонија и на регионот. Како што се наведува во соопштението, ова е исклучително поволен знак на заедништвото и поддршката од Европската Унија и потврда за оправданоста на нашата стратешка определба за полноправно членство во Европската Унија.
Како што се наведува во соопштението, претседателката Урсула фон дер Лајен истакнала дека и е драго што може и на дело да ја потврди поддршката што ЕУ и ја дава на Република Северна Македонија и генерално на земјите од регионот.
Подготвено од А.Ѓ.