Image by Freepik

21.10.2022 Скопје

Пекарските производи со вртоглав раст. Доручекот станува луксуз во Македонија по постојаниот раст на цените на пекарските производи кои од ден во ден имаат поголема „тежина“.

Иако инфлацијата ги погаѓа голем дел од производите, и се одрази драстично врз цените во малопродажба, се забележува дека голем дел од пекарските производи се продаваат по двојно, но и тројно зголемени цени.

Балканскиот деликатес наречен бурек добива вртоглави цени кои се движат од 75 до 95 денари за четвртина од питата. Ако некој сака и јогурт со овој „деликатес“ ќе треба да одвои најмалку 100 денари само за доручек. Иако реално цените меѓу пекарите се разликуваат зависно од местоположбата, сепак, кај сите се забележува вртоглав раст.

Најголем дел од „доручеците“ се дупло поскапи од порано, а меѓу најевтините понуди се малите пекарски лиснати стапчиња по цена од 20-тина денари, или пак гевреци и переци со цени од и над 25 денари.

Баничките, бурекот, симит погачите одамна се вивнаа, уште со поскапувањето на маслата за јадење, но и овој период повторно цените растат, па граѓаните оправдано се прашуваат до каде ќе одат. Доколку некој сака да се „почасти“ со проја, пита или друг поексклузивен пекарски производи, исто така, ќе треба да одвои најмалку 70-тина денари.

Јогуртот како омилен додаток на доручекот има скоро дупли цени. Ако порано шише јогурт од килограм се купуваше по цени од 55 па нагоре, денес се набаввуа по цени од 75 денари па нагоре. Малите чашки од 250 милилитри во пекарите започнуваат по цена од 25 денари.

Граѓаните велат дека поскапувањето им создава големи главоболки, а особено се загрижени семејствата со мали деца за кои треба да се обезбедат финансии и за оброк во училиште. Освен пекарските продукти, меѓу учениците често се конзумираат и сендвичите кои се уште поскапи. Па така тостовите чинат од 60 денари па нагоре, хамбургерите во сендвичари во околината на училишата почнуваат од 120 денари, а ако некој сака и „истакнат“ производител ќе треба да одвои минимум 200 денари.

Синдикалните претставници постојано укажуваат дека граѓаните се доведени на работ на егзистенцијата поради поскапувањата, а за септември тие пресметаа дека минималната кошница достигнува 50.244 денари. Тие пресметале дека на четиричлено смејство му се потребни над 50 илјади денари за основните месечни потреби, и укажуваат дека на работниците им се потребни поголеми пристојни плати и пристојни услови за работа.

Од синдикалното здружение бараат да се воведе повторно мерката за платежна картичка за купување домашни производи и плаќање на сметките за електричната енергија за одредена категорија на работници и граѓани кои се најзагрозени и најпогодени од економската криза, односно да се поделат вредносни картички за купување храна и плаќање на сметките за електрична енергија на одредена категорија на семејства, особено на оние чиј вкупен приход е во износ под просечна плата (31.812,00 денари) во едно четиричлено семејство во висина до разликата од синдикалната минимална кошница (50.224,00 денари).

Подготвено од А.Ѓ.

About Author