10.10.2022 Скопје
Денеска напладне, во дворот на црквата „Св.Спас“ во Скопје ќе бидат доделени дипломи и признанија на десет наградени трудови по конкурсите кои ги распиша Институтот за национална историја за ликовни и литературни творби на тема „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“ за ученици од основното образование.
Одборот за одбележување на 150-годишнината од раѓањето на Делчев соопшти дека доделувањето на наградите е завршен настан и дека локацијата и датумот на неговото организирање соодветствуваат со денот кога се пренесени моштите на Гоце Делчев од Софија во Скопје.
На настанот ќе се обратат претседателката на Одборот за одбележување на годишнината, проф. д-р Катерина Тодороска, и претседателките на комисиите што ги оценија трудовите, Ирена Ралева-Најдевска за литературните и Јана Маневска-Чупоска за ликовните творби.
Претседателките на комисиите ќе ги доделат наградите на учениците и благодарниците на нивните ментори заедно со проф. д-р Митко Панов, претседател на Здружението на историчари на Македонија.
Подготвено од А.Ѓ.