https://www.flickr.com/photos/64553554@N03/5878873285/

13.10.2022 Скопје

Во споредба со 1970 година, набљудуваните популации на диви видови во светот – цицачи, водоземци, влекачи и риби – во просек се намалени за 69 отсто.

Информацијата е објавена во Извештајот за состојбата на планетата на Светската организација за заштита на природата, претставено денеска.

Извештајот што се објавува на секои две години, носи научни докази дека неодржливите човекови активности ги доведуваат екосистемите, заслужни за животот на Земјата, до раб на пропаста. Тоа ги повикува светските лидери да се здружат во изградба на поодржлива, поотпорна и поздрава планета за луѓето и за природата.

Податоците покажуваат дека меѓу 1970 и 2018 година, набљудуваните популации на диви животни во Јужна Америка и во пределот на Карибите, опаднале во просек за 94 отсто.

Марко Ламбертини, генералниот директор на Меѓународната светска организација за заштита на природата, истакна дека човештвото е соочено со две вонредни состојби предизвикани од дејствувањето на луѓето, климатските промени и губењето на биодиверзитетот, што ја загрозуваат благосостојбата на сегашните и идните генерации.

Светската организација за заштита на природата се залага лидерите на земјите потписнички на Конвенцијата на ОН за биолошка разновидност, на конференција во декември да постигнат договор сличен на Парискиот, со што ќе се обврзат на запирање на губењето на биодиверзитетот и до 2030 година ќе обезбедат свет насочен кон зачувување на природата.

Главни причини за намалување на популацијата на дивите животни, според Извештајот, се деградација и губење на живеалиштата, експлоатација, воведување на инвазивни видови, загадување, климатските промени и болести.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author