08.10.2022 Скопје
Десетина деца се на кислородна поддршка во болницата во Козле, поради компликации од респираторни инфекции. Најмалото од нив има само две недели и буквално од родилиште завршило веднаш во болничка соба. Бронхити и пневмонии, а многу помалку стомачни вируси, е патологијата со која се соочуваат педијатрите во установата каде дневно има повеќе од 100 прегледи.
Според лекарите, овој бум на респираторни вирусни инфекции, се должи на „заспаниот“ имунитет во време на пандемијата, па децата сега го плаќаат данокот. Најголем број од пациентите во болницата во Козле се од претшколска возраст, но има и поголеми кои имаат хронични заболувања.
Педијатар од болницата во Козле истакна дека исхраната, физичката активност и хигиената се најважни, но и редовните контроли, особено тие со астма и алергии кои не одеа во пандемијата, да си ги закажат редовните термини.
И земјите во соседство бележат наплив од болни деца, каде има и сомнежи дали позади ова е скриен бран на ковид.
Подготвено од А.Ѓ.