https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/d/d1/National_Assembly_main_building%2C_Sofia%2C_October_2016_02.jpg

04.10.2022 Скопје

Поранешниот бугарски премиер, Бојко Борисов, извојува победа, но не триумфираше, па малку ќе се измачи да формира влада, ако воопшто успее, бидејќи во предизборната кампања повеќето од партиите се изјаснија дека не сакаат коалиција со него. Доколку успее да формира влада, дури и малцинска, Борисов во корпусот прашања со кои ќе треба да се занимава нема да биде и македонското, откако земјава ја прифати преговарачката рамка на Европската Унија и доби заштита од политички притисоци од Софија.

Без оглед дали Борисов ќе има успешно враќање на политичката сцена или не, не се исклучува прашањето за Македонија да се отвори повторно, како што ќе се движи земјава на патот на евроинтеграциите. Особено, ако во Бугарија дојде националистички настроена влада или ако државата продолжи да ја води претседателот Румен Радев.

Политичките експерти не очекуваат бугарската политичка нестабилност да има влијание врз односите со Македонија, барем засега.

Според политичките аналитичари, темата „Македонија“ ќе се појави повторно како што Македонија ќе оди низ патот на евроинтеграциите и тоа во вид на нови притисоци, условување и пресинг на сите полиња, но темата повеќе ќе се пресели во Брисел и Бугарија ќе притиска таму, а не во билатералните односи бидејќи тие се затворено поглавје. Исто така, не очекуваат дека ова ќе се случи веднаш, бидејќи Бугарите во моментов се фокусирани на своите проблеми, а тие не се малку.

Политичките аналитичари потенцираат дека проблемите со составување влада и молскавичниот подем или пад на повеќе партии, меѓу кои Има таков народ на Слави Трифунов и Продолжуваме со промената на Кирил Петков, говорат дека во Бугарија, периодот на политичка нестабилност ќе продолжи, затоа што таму главниот наратив е економски, како да се преживее зимата и дали ќе има политичка стабилност. Воедно, оценија дека по некоја случајност или закономерност, откако Бугарите го употребија инструментот вето врз нашите евроинтеграции, влегоа во една институционална и политичка криза на преповторување на парламентарни избори бидејќи не можат да создадат стабилна политичка влада.

Во врска со бугарската политика кон Македонија, политичките аналитичари не очекуваат промена бидејќи нивниот внатрешен консензус за македонското национално прашање и како тоа се поима во нивното општество, тие го преточија во францускиот предлог и сега тоа е официјална бугарска дипломатија и политика.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author