01.10.2022 Скопје
Во второто тримесечје од 2022 година, банкарскиот сектор соодветно се справува со предизвиците наметнати од војната меѓу Русија и Украина и ги зголеми активностите на квартална основа.
Во Извештајот за ризиците во банкарскиот систем за вториот квартал од 2022 година, што во текот на вчерашниот ден беше усвоен на редовната седница на Советот на Народната Банка, се заклучува дека мерките, кои беа преземени од страна на Народната банка за стабилизирање на неповолните очекувања на населението настанати по избивањето на воениот конфликт, овозможија стабилизирање на движењата кај депозитната основа.
Во Извештајот стои и дека депозитите на домаќинствата бележат раст во вториот квартал, со што годишната стапка на раст изнесува 5,2 отсто. Кредитирањето и натаму солидно расте, со иста динамика како и во претходниот квартал, со што годишната стапка на раст на кредитите и натаму е на нивото од околу 10 отсто. За зголеменото кредитирање во вториот квартал подеднаков придонес имаат и корпоративниот сектор и секторот домаќинства.
Народната Банка информира дека показателите за ликвидност и натаму се на задоволително ниво, иако умерено се намалени во однос на претходниот квартал. Воедно, Народната Банка додаде и дека банките одржуваат ликвидност што е повисока за 2,5 пати од регулаторниот минимум, додека пак резултатите од стрес-тестовите упатуваат на задоволителна отпорност на банкарскиот систем на претпоставените екстремни, поединечни и комбинирани ликвидносни одливи. Квалитетот на кредитното портфолио, како што информираат од НБ, и натаму е солиден, со учество на нефункционалните во вкупните кредити од 3,2 отсто, што е пониско од претпандемичното ниво.
Од Народната Банка велат дека ризиците за целокупниот макроекономски контекст и натаму се изразени и поврзани претежно со надворешното окружување, а главниот ризик и понатаму претставува неизвесноста поврзана со текот и времетраењето на воениот конфликт помеѓу Русија и Украина и неговото влијание врз цените и економската активност во глобални рамки, што може да се одрази и врз активностите на банкарскиот сектор.
Народната Банка соопшти дека најновите оцени покажуваат дека банкарскиот сектор и натаму е здрав и стабилен, со задржана отпорност на шокови. Но, тој и натаму работи во неизвесно окружување што постепено ги зголемува системските ризици, што наметнува потреба од натамошно претпазливо планирање на капиталните позиции на банките. Имајќи ги предвид ваквите околности, Советот на Народната Банка донесе одлука со којашто ја потврди претходно утврдената стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија од 0,5 отсто. Исто така, со новата одлука на Советот се предвиде да се применат и стапките на противцикличниот заштитен слој на капиталот што се утврдени од надлежните органи на другите земји за изложеностите на домашните банки кон клиенти од други земји. Со ова се постигнува натамошно усогласување со регулативата на Европската Унија, а се придонесува за подобро управување со ризиците што се специфични за одделните банки, коишто произлегуваат од нивните изложености кон клиенти од други земји. Од Народната Банка потенцираат дека банките се должни да ги применуваат овие стапки почнувајчи од 1 октомври 2023 година.
Подготвено од А.Ѓ.