makedonsko i bugarsko zname

20.10.2022 Скопје

Денеска, чешката амбасада во Република Северна Македонија организира конференција „Можности за проширување“, како дел од серијата настани што ги организираат заедно со Амбасадата на Чешка во Бугарија, со цел подобрување на добрососедските односи и дијалогот меѓу Скопје и Софија, како и можностите за зајакнување на економската соработка.

На конференцијата обраќања ќе имаат чешкиот амбасадор во земјава, Јарослав Лудва, евроамбасадорот во Република Северна Македонија, Дејвид Гир, шведската амбасадорка во Скопје, Ами Ларсон-Јаин, шпанскиот амбасадор Хозе Луис Лозано Гарсија, како и амбасадорот на Словачка, Хенрик Маркуш.

Во рамки на конференцијата ќе се одржат и две панел дискусии, на кои ќе учествуваат и јапонскиот амбасадор во земјава, Хиронори Савада, Лукаш Кованда од „Тринити банк“ од Чешка, шефот на одделот за соработка во ЕУ делегацијата во Скопје, Штефен Худолин, како и Руслан Стефанов, директор на Економската програма од Центарот за проучување на демократијата.

Чешкиот амбасадор Лудва, чија земја е актуелен претседавач со Унијата, во петокот истакна дека Чешка отсекогаш била силен поддржувач на Северна Македонија на нејзиниот европски пат, посочувајќи дека преговорите со ЕУ се долг и тежок процес и поради тоа што реформите се во основата на овој процес и доколку државава не ги спроведе, не може да оди напред на патот кон ЕУ. Воедно, најави дека како Амбасада ќе организираат неколку конференции за Република Северна Македонија и добрососедските односи, особено за подобрување на дијалогот со Бугарија, заедно со чешката Амбасада во Софија.

Во понеделникот во Софија се одржа првата конференција, втората е денеска во Скопје, а преостанатите две во Петрич на 31 октомври и во Струмица на 1 ноември.

Чешкиот амбасадор Лудва од конференциите очекува подобро меѓусебно разбирање, добри соседски односи и особено размена на искуства во повеќе области, а фокусот ќе биде на меѓусебната соработка меѓу невладините организации.

За тоа како го оценува моменталното ниво на односите меѓу Скопје и Софија, Лудва истакна дека ништо на светот не е совршено, но секогаш се може да биде подобро и гледа простор за соработка, за која што ќе се обиде да ја подобри уште повеќе.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author