02.10.2022 Скопје
Гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска, присуствуваше на Самитот на министри за финансии, гувернери на централни банки и директори на даночни управи, насловен „Финансиска и монетарна стабилност на регионот во услови на изразени геополитички ризици“, кој се одржа во Црна Гора.
На Самитот, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска посочи дека во услови на изразени инфлациски притисоци, централните банки мора да останат фокусирани на својата примарна цел, а тоа е среднорочната ценовна стабилност, што без никакво сомневање бара нормализирање на монетарната политика, објаснувајќи дека при нормализирањето на монетарната политика, централните банки водат сметка за ефектите врз економскиот раст и стабилноста на финансискиот систем.
Од кабинетот на гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија соопштија дека во текот на Самитот, гувернерката Ангеловска-Бежоска зема активно учество во дискусиите на панелот на тема „Монетарната политика во инфлациско опкружување“, на кој говореа и гувернерите на Црна Гора, Србија, Словенија, БиХ, Албанија, Косово и вицегувернерот од Хрватска.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека доколку централните банки во регионот не преземаат мерки кои ќе го следат циклусот на ФЕД и ЕЦБ, тогаш може да се соочат со ризици за капитални одливи или помали капитални приливи, а со тоа и зголемени притисоци на девизниот пазар.
Сите учесници на панелот се согласија дека одржувањето на стабилноста на девизниот курс е од исклучително значење за стабилизирање на инфлацијата.
Подготвено од А.Ѓ.