28.10.2022 Скопје
Вршителот на должноста премиер на Бугарија, Галаб Донев, во сабота ќе пристигне во Република Северна Македонија, на покана на неговиот домаќин, премиерот Димитар Ковачевски, за да биде присутен на свечената церемонија по повод почетокот на изградбата на источниот дел на железничкиот Коридор VIII, делница Куманово-Бељаковце-Крива Паланка.
Овој настан ќе се одржи во сабота, во 12 часот, во близина на Куманово, а ќе биде присутен и бугарскиот вицепремиер за економски политики и министер за транспорт и врски, Христо Алексиев.
Паневропскиот коридор VIII, ќе ја поврзува Бугарија со Република Северна Македонија, Албанија и по морски пат со Италија. Оваа рута е клучна во однос на зајакнувањето на поврзаноста на регионот, создавајќи интермодална поврзаност меѓу Црното и Јадранското Море.
Бугарија исто така активно работи на вклучување на коридорот VIII, во приоритетна европска транспортна мрежа во правец Софија-Скопје-Драч-Тирана и тој да биде определен како европскиот коридор „Западен Балкан“.
Подготвено од М.Н.