07.10.2022 Скопје
Во насока на обезбедување на доволна количина на енергија, министерот за економија Крешник Бектеши и генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, денеска се на состанок со една од компаниите за набавка на природен гас што ја посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Состанокот ќе се одржи надвор од земјава, а ќе присуствува и Виктор Андонов, советник за енергетика на премиерот.
Државата прави напори за обезбедување на енергенси за непречено производство на електрична и топлинска енергија за потребите на граѓаните во престојната зима, како и за обезбедување на двојно поевтина струја за стопанството, кое е на отворениот пазар од онаа што е на берзите. Одговорните им порачуваат на граѓаните да не се грижат и дека во текот на престојниот зимски период ќе има доволно топлинска и електрична енергија.
Во текот на изминатиот ден, министерот Бектеши изјави дека на состанокот ќе разговараат за детали, имајќи предвид дека ако има таков договор и ако деталите, условите, понудата генерално е прифатлива за ЕСМ, тоа треба да го направи ЕСМ со трговец со природен гас. Воедно, додаде дека за да се подготви состанокот, се пратени и количините и потребите на Северна Македонија, вклучувајќи ги и потребите на ТЕ-ТО која произведува електрична енергија, а како нуспроизвод произведува и топлинска енергија и тоа околу 60 отсто од топлинската енергија за потребите на град Скопје.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, најави и дека до крајот на неделава треба да се одржи состанок и со другата компанија посочена од опозицијата за набавка на мазут и апелираше граѓаните да не се грижат затоа што ќе има доволно топлинска и електрична енергија.
Група пратеници од владејачките партии до Собранието предложија Предлог-закон за дополнување на Законот за задолжителни нафтени резерви, по скратена постапка, со кој се врши доуредување на одредбите од Законот за задолжителни нафтени резерви во насока кон олеснување на справувањето со актуелната енергетска криза.
е предлага дополнително решение кое треба да овозможи нафтените деривати од задолжителните резерви да се стават во функција, односно да се издадат краткорочни позајмици и/или да се отстапат без надоместок одделни нафтени деривати од задолжителните резерви на одредени корисници, односно на јавни претпријатија и други правни лица и институции основани од државата што вршат соодветна енергетска дејност, за извршување на нивните активности утврдени со закон. Предлагачите истакнаа дека тоа ќе придонесе кон полесно справување со актуелната енергетска кризна состојба, а ќе се применува до денот на пристапувањето на земјава во Европската Унија.
Предлагачите прецизираа дека задолжителните резерви на нафтени деривати може да се користат при прогласена кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје и во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на државата кога постои итна потреба од нафтени деривати од страна на јавни претпријатија и други правни лица и институции основани од државата што вршат соодветна енергетска дејност, за извршување на нивните активности утврдени со закон.
Подготвено од А.Ѓ.