27.10.2022 Скопје
На вчерашната прес-конференција, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, соопшти дека е подготвен пакет со поддршка за целиот Западен Балкан за справување со енергетската криза.
Фон дер Лајен, на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски, изјави дека пакетот започнува со грантови и 80 милиони грантови за Република Северна Македонија, како итна буџетска поддршка. Лајен истакна дека тоа ќе им помогне на граѓаните и компаниите во справувањето со високата цена на енергенсите, потенцирајќи дека ова ќе се финализира до крајот на годината, за Република Северна Македонија да ги добие средствата во јануари. Воедно, Лајен објасни дека има 500 милиони грантови за целиот регион за инвестирање во тоа што е неопходно сега, за инвестирање во енергетската поврзаност, за инвестирање во енергетската ефикасност и за инвестирање во обновливата енергија.
За уставните измени, претседателката на Европската комисија смета дека ќе се постигне мнозинство и уставните измени ќе бидат изгласани. Како што изјави на вчерашната прес-конференција, Фон дер Лајен е сигурна дека луѓето од Република Северна Македонија ќе постигнат мнозинство и ќе гласаат позитивно за уставните измени, потенцирајќи дека како држава постигнато е многу, воочен е успех во напредувањето и е сигурна дека ќе се пронајдат убедливи аргументи за сите да сфатат дека се одговорни за придонес кон тоа земјата да се движи напред. Воедно, таа ги повика политичарите да го остварат сонот на младите луѓе кои сакаат да се дел од ЕУ.
Подготвено од А.Ѓ.