21.10.2022 Скопје
Анкета објавена во весникот „Дејли Сабах“ покажува дека мнозинството од граѓаните во Турција верува дека соработката со европските земји е од витално значење за безбедноста на земјата.
Фондацијата за економски развој, невладина организација што главно се занимава со односите меѓу Турција и ЕУ, на прес-конференција ги презентираше заклучоците и резултатите од неодамнешното истражување на тема „Перцепциите на јавноста за Европа и Европската унија во Турција”.
Истражувањето покажува дека 56,4 отсто од Турците сметаат дека „соработката со европските земји” е позитивна за безбедноста на Турција.
Грција, Франција и Австрија се именувани како три водечки земји одговорни за негативната перцепција во Европската унија за турскиот народ.
Повеќе од половина од учесниците ја посочија Германија како најважен партнер на Турција. Најголема доверба кај Турците уживаат Германија и Италија во ЕУ, како и Обединетото Кралство.
Дури 76 отсто од анкетираните го поддржуваат евентуалното членство на Турција во ЕУ. За најважни теми во билатералните односи се сметаат визната либерализација, бегалската криза и преговарачкиот процес.
За анкетираните, ЕУ пред се значи „слобода и демократија”. Првите пет работи што им паѓаат на ум на Турците кога ќе се спомене концептот „Европа” се слободата, еднаквоста, демократијата, високиот животен стандард и економскиот развој.
Речиси 30 отсто ја дефинираат Турција како европска земја, а 25 отсто ја опишуваат како земја од Блискиот Исток. Според 16 отсто, Турција е единствена земја која не може да се категоризира.
Како главни причини зошто Турците не се перципирани како Европејци во Европа, според спроведеното истражување, 74 отсто од испитаниците ги сметаат културните и религиозните разлики.
Подготвено од А.Ѓ.