21.09.2022 Скопје
Генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу, на денешното отворање на Дигиталниот Самит на Западен Балкан во Приштина, истакна дека регионот од неодамна се соочува со сериозни сајбер напади, а дигитализацијата на Западен Балкан може да се оцени двострано. Воедно, нагласи дека две страни на медалот има дигитализацијата во регионот, од една страна се реализирани големи исчекори по прашање на широкопојасната поврзаност, масовното ширење и користење на електронските услуги, а информатичките и комуникациските технологии за повеќето земји стануваат главна извозна услуга и економски ресурс, додека пак, од друга страна регионот од неодамна се бори со сериозни сајбер напади, потенцирајќи дека дигиталната писменост и натаму е на ниско ниво од 24 до 47 посто, во споредба со 54 посто на ниво на Европската Унија, а ист е случајот и со прекуграничната интероперабилност.
Од Советот за регионална соработка соопштија дека Мајлинда Брегу побарала од Европската Унија и укинување на визите за Косово и добивање на кандидатски статус за Босна и Херцеговина.
Бергу во своето обраќање кажа дека Самитот се одржува во време кога регионот се наоѓа на раскрсница, и покрај тоа секој се обидува да најде некоја светла точка, како што е задоцнетиот почеток на преговорите со Албанија и Северна Македонија. Воедно, додаде дека не може, а да не инсистира на тоа да се превземат храбри и решителни чекори во правец на пристапување на регионот кон Европската Унија, без никакво одложување, вклучувајќи и укинување на визите за Косоварите и кандидатски статус за Босна и Херцеговина.
На 5-тиот Дигитален Самит на Западен Балкан присуствуваат високи претставници на шест земји од Западен Балкан, на Европската Комисија, на Советот за регионална соработка, меѓународни финансиски институции и приватниот сектор во ИКТ индустријата. Самитот се одржува на 21 и 22 Септември.
Подготвено од А.Ѓ.