22.09.2022 Скопје
Српскиот претседател Александар Вучиќ, во својот говор на 77. сесија на Генералното Собрание на Обединетите Нации, изразил поддршка за територијалниот интегритет на сите земји-членки на Обединетите Нации, вклучително и Украина, и истакнал дека ќе продолжи да се залага за доследно почитување на принципот на неповредливост на границите.
Александар Вучиќ, во својот говор, изјавил дека од многу говорници слушнал приказни за агресија и нарушување на територијалниот интегритет на Украина и дека многумина истакнувале дека тоа е прв конфликт на европско тло по Втората светска војна. Но, според Вучиќ, вистината е дека првпат е нарушен интегритетот на една земја, и тоа токму на Србија, која немала извршено напад на ниедна суверена држава, а тоа се премолчува, како и дека не слушнал рационален одговор на прашањето за тоа: „Која е разликата меѓу суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија?“, кој е нарушен.
Годинашната Генерална дебата, според Вучиќ, се одвива во услови на нарушен светски мир од размери што не се забележани од Втората светска војна и од основањето на ОН. Исто така, Вучиќ додаде дека глобалните предизвици, со кои се соочува светот, се закануваат суштински да ја променат меѓународната безбедносна архитектура и да го загрозат воспоставениот меѓународен правен поредок, со што овие сложени времиња бараат многу мудрост и единство за да се зачува мирот, како апсолутно најважно богатство вткаено во самите основи на организацијата на Обединетите нации.
Вучиќ, во своето обраќање на Генералното Собрание на ОН, зборуваше и за пет принципи, а тоа се враќање на мирот и зачувување на глобалната стабилност, зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет на меѓународно признаените земји-членки на ОН, енергетиката и финансиската безбедност, како и снабдувањето со храна. Воедно, ги искритикува земјите кои ја признале независноста на Косово, обвинувајќи ги за нарушување на територијалниот интегритет на Србија и кршење на Повелбата на ОН, а обвини и дел од меѓународната заедница за „хибридна војна и валкана кампања“, додека трае процесот на дијалог меѓу Белград и Приштина.
Во врска со процесот на дијалог меѓу Белград и Приштина, Вучиќ истакна дека Белград ќе ги продолжи разговорите со Приштина под покровителство на Европската Унија, затоа што било подобро да се преговара 100 години, отколку да се води војна еден ден.
Спрскиот претседател, во своето обраќање, истакна дека е потребно трезвено и прагматично да се зборува за иднината, а не за минатото, да се зборува како да се решат проблемите што го мачат народот, компаниите, работниците, студентите и претприемачите, а ги нагласи и големиот број на решенија кои ги отстраниле бариерите што постоеле меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија, без никаква рационална причина, со спроведувањето на проектот „Отворен Балкан“, кој има јасна идеја – да се отвори регионот за луѓе, стоки, услуги, за капитал и компании, за да се добие простор кој трајно ќе биде без тензии, напнатост и конфликти.
Подготвено од А.Ѓ.