28.09.2022 Скопје
Откако првиот човек на ССМ, Дарко Димовски, ја информираше јавноста за состојбите во државното претпријатие „Водостопанство“, минатата вечер на владина седница било отворено ова прашање, односно дека вработените на претпријатието немале примено плата веќе четири месеци, а од друга страна бил зголемен надоместокот на членовите на Управниот одбор.
На владината седница со соопштение е наведено дека се задолжува Управниот одбор да го раскинат менаџерскиот договор со директорот на ова јавно претпријатие Локман Љимани, да бидат намалени надоместоците и да бидат регулирани платите на сите вработени во „Водостопанство“.
Надоместоците на членовите на Управниот одбор, да бидат намалени во наредните 12 месеци за 50 проценти и во насока на намалување на расходите, Владата го задолжила јавното претпријатие „Водостопанство“ да ги намали капиталните инвестиции во износ од 100 милиони денари со што се намалува финансискиот план за износ кој што е предложен од страна на претпријатието.
Во владиното соопштение не бил наведен проблемот за неисплатените плати за четири месеци за вработените, иако за тоа алармирал претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија.
Подготвено од М.Н.