22.09.2022 Скопје
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, оствари средба со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, во Брисел.
Меѓу главните теми на денешната средба беа процесот на скрининг на Македонија со Европската Унија, следните активности во процесот на преговорите за членство и актуелната политичка ситуација во Северна Македонија.
Секретаријатот за европски прашања соопшти дека Маричиќ, кој е и главен преговарач на Северна Македонија со Унијата, го брифирал еврокомесарот Вархеји за скрининг состаноците и за подготовките за билатералниот скрининг, како и за посветеноста и мотивацијата која ја имаат институциите на земјава за процесот.
Еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, на Маричиќ му посака успешен скриниг и испрати порака Македонија да остане силно посветена на европската реформска агенда, како и на градењето на добрососедски односи со Бугарија и напредокот во исполнувањето на обврските од страна на двете држави. Вархеји, воедно, потенцираше дека сега е најважно сите во Северна Македонија да застанат зад европската иднина на земјата и да помогнат во процесот на преговори со Европската Унија, додавајќи дека тоа е процес кој е важен за иднината на државата и процес кој носи подобар живот за граѓаните.
Маричиќ и Вархеји разговараа за последните подготовки за потпишување на Договорот со Фронтекс, како и за економски теми, во пресрет на зимата која доаѓа и предизвиците со кои ќе се соочиме, предизвикани од енергетската и економската криза. Воедно, разговараа и за Инвестицискиот план на Европската Унија за Западниот Балкан и за забрзување во реализацијата на регионалните проекти, особено оние од инфраструктурата и енергетиката.
Подготвено од А.Ѓ.