21.09.2022 Скопје
Експерти работат на префрлање на веб-страната на Министерството за образование и наука на друга платформа, воедно се работи за дополнителна заштита од хакерски напади од надвор, изјавиле од МОН.
Од Министерството за образование и наука кажаа дека хакерскиот напад кој беше на 9 Септември, нема нанесено никаква штета бидејќи самата веб-страна немала заднинска база на податоци, туку е сајт само за информативни податоци.
Од МОН нагласиле дека во овие 12 дена како е недостапна веб-страната не станувало збор дека хакерите се активни, но страницата била исклучена веднаш по нападот и се уште не е активна, бидејќи експерти работеле на вградување на нова и посилна заштита на страницата.
Хакерите имаа оставено свој потпис дека страницата е хакирана од страна на грчки хакерски тим, но дали тоа е точна информација тешко е да се каже бидејќи вообичаено се оставаат пораки преку кои сомнежот во истрагата се насочува во погрешен правец.
Минатата недела под хакерски напад беше и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој напад се смета за посериозен бидејќи, како што веќе е објавено во јавноста, се работи за напад врз електронски систем на министерството од видот рансомвер, што во пракса значи барање на голем откуп за да бидат вратени податоците и целиот систем во функција.
Периодов освен во Северна Македонија, хакерски напади имаше и во соседна Албанија, по што Тирана ги обвини Иран за тие напади и ги прекина сите дипломатски односи со таа земја.
Подготвено од М.Н.