22.09.2022 Скопје
Интерпарламентарната унија (ИПУ) објави податоци кои покажуваат дека европскиот просек за уделот на жените во националните парламенти на секоја земја достигнал 31,3 отсто, во август оваа година.
Земја со најголем процент на жени во парламент е Израел со 47,6 отсто. Додека пак, Унгарија има најмало учество на жени во парламентот со 14,1 отсто.
Висок процент на учество на жени во парламентот имаат и Нордиските земји со 44,7 проценти, а зад нив е веднаш и Шпанија со 43 проценти.
Интерпарламентарната унија овие податоци ги постави во четири региони, а тоа се Нордиските земји, Западна Европа, Јужна Европа и Централно-источна Европа. Северна Македонија спаѓа во регионот Централно-источна Европа, каде според тие статистики, бројот на жени во парламентите на овие земји изнесува 25,1 проценти.
Интересно е да се види колку жени се всушност вклучени во европската политика, особено откако Велика Британија ја доби новата премиерка Лиз Трас, а многумина ја сметаат Италијанката Џорџија Мелони за фаворит на престојните избори. Меѓу најпознатите жени кои се поставени на високи функции во најмоќните европски земји и институции се претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, како и споменатата британска премиерка Трас, германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок, финската премиерка Сана Марин, како и претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола.
Подготвено од А.Ѓ.