30.09.2022 Скопје
Под повеќенеделниот засилен притисок на Вашингтон, кој предупреди дека системот може да се користи за избегнување на санкциите воведени против Русија поради инвазијата врз Украина, три турски државни банки го суспендираа рускиот систем за плаќање.
Откако две приватни турски банки „Исбанк“ и „ДенизБанк“ информираа за прекин на плаќањето преку рускиот еквивалент на Мастеркард и Виза, банките „Халкбанк“, „ВакифБак“ и „Зираат банк“ го суспендираа плаќањето преку системот „Мир“.
Анкара инсистираше руските туристи да го користат системот „Мир“ за купување и плаќање во хотели, но западните претставници изразиле загриженост затоа што системот може да се користи како канал за незаконски финансиски трансакции.
Одлуката на трите државни банки да престанат да го користат системот „Мир“ означува и пресврт на турскиот став за санкциите против Русија. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се обидува да балансира кога е во прашање Украина и има остварено неколку состаноци со рускиот колега Владимир Путин.
Турција се обиде да остане неутрална во украинскиот конфликт, користејќи го тоа за потпишување низа економски договори со Русија, што ѝ помогнаа да се поддржи нестабилната економија пред изборите идната година, каде Ердоган ќе се обиде да го продолжи своето владеење.
„Мир“ картичките им даваат можност на милиони Руси, кои летуваат во Турција, да пристапат до своите рубљи и да плаќаат за се, од ресторани до хотели. Поважни се за Русите кои бегаат во Турција во рамки на новиот миграционен бран на машки лица, кои се обидуваат да избегнат регрутација.
Подготвено од А.Ѓ.