15.09.2022 Скопје
Тенисерот од Швајцарија, Роџер Федерер, објавил дека Лајвер Купот во Лондон, следната недела ќе биде негов последен настап на големата сцена, односно дека ќе се повлече во пензија.
На социјалните мрежи тенисерот објавил пост, со кој ја образложува неговата одлука за пензионирање. Федерер напишал дека во последните три години имал многу повреди и операции, напишал дека работел напорно за да може да се врати на теренот и да биде во форма, но неговото тело и неговите лимити во последно време биле многу јасни.
Федерер напишал, исто така, дека во неговите 41 години, одиграл преку 1500 натпревари во преку 24 години. Тенисот го третирал великодушно и повеќе од тоа што му било сон но секако ќе мора да се помири со фактот дека е дојден крајот на неговата комплетна кариера.
Тенисерот Федерер напишал дека ќе продолжи да игра тенис и во иднина, но нема да биде дел од Гренд Слем и АТП турнирите. Роџер Федерер има 20 Гренд слем титули, беше 310 недели на првото место на АТП листата, од кои 237 последувателни недели, рекорд кој се уште не е соборен.
Подготвено од М.Н.