22.09.2022 Скопје
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека директорот на Биро за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, присуствувал и се обратил на научно-стручната дебата на тема „Јавната и приватната безбедност – преку координација и соработка до заедничка превенција на безбедносните ризици и закани“ во организација на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот Факултет во Скопје, а во присуство на професори и студенти, како и припадници на Секторот за приватно обезбедување.
Дебатата ја претставуваше и промоцијата на книгата „Јавната и приватна безбедност – координација и соработка“, која е резултат на истражувачката студија „Јавната и приватна безбедност – координација и соработка“, и содржи резултати од истражувачкиот проект што го поддржа Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување, а го реализираше тим од Филозофскиот Факултет во Скопје, а голема важност има и ангажманот на МВР особено при спроведувањето на истражувањето во МВР.
Свое обраќање имаше директорот на БЈБ, м-р Сашо Тасевски, при што на почетокот од своето обраќање даде осврт на појавата на приватната безбедност како потреба за заштита на приватната сопственост, а низ светските искуства, се повеќе добива во надлежност и во сложени безбедносни задачи, особено во делот на безбедноста на приватните правни субјекти и компании.
Тасевски потенцираше дека Министерството за внатрешни работи е свесно дека остварувањето на соработка меѓу приватното обезбедување и јавната безбедност е сложен и комплексен процес, што најдобро се ефектуира кога постои формализиран начин на комуникација на заинтересираните страни, преку континуирана размена на информации и мислења.
Во своето обраќање, директорот Тасевски истакна дека она што е суштествено битно за полицијата, по однос на приватното обезбедување, неговата улога и позиција, покрај принципите на соодветната селекција на вработените, компетентност, моралниот и етички интегритет, но и техничката опременост на приватното обезедување, се и решенија што директно ќе водат кон продлабочување на соработката, нејзина поголема функционалност и ефикасност. Воедно, нагласи дека во таа насока за Министерството за внатрешни работи, осносно Бирото за јавна безбедност, од несомнена важност е интензивирањето на соработката и комуникацијата помеѓу двата сектори, и секако определувањето на јасни протоколи за соработка, преку кои ќе се манифестира заедничко и усогласено дејствување на јавниот и приватниот сектор, како и проактивен пристап во спречувањето на вршење кривични дела, особено кога станува збор за заштита на имотот и безбедноста на компаниите, односно намалување на безбедносните ризици, закани и загрозувања преку примена на законски пропишаните овластувања за физичко и техничко обезбедување, како и континуирана двонасочна едукација заради јасно и доследно запазување на принципите на легалитет и легитимитет, во делувањето и постапувњето.
Меѓу другото, Тасевски истакна дека студијата се фокусира на кохабитација меѓу двата безбедносни сегменти, на подигнувањето на нивото на функционалност, и контрибуција меѓу јавниот и приватниот сектор со што ќе се даде заеднички придонес во градењето одговори против заканите што оставаат силни импликации врз безбедноста и загрозувањето на луѓето и нивниот имот.
Директорот на Биро за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, м-р Сашо Тасевски, своето обраќање го заврши истакнувајќи го предизвикот за почитување, поради самиот факт што соработката и координацијата меѓу јавното и приватното обезбедување е комплексна и тешка задача, и дека координацијата и соработката се одликуваат со голема специфичност и сложеност.
Подготвено од А.Ѓ.