https://www.flickr.com/photos/27181654@N05/22749609013/in/photolist-AEiGba-B2ii1M-a6WyKx-6Zvg6s-2mK12xr-2n4b3Cx-8CP3Ph-2Vn4DU-6hH52a-4tBVJK-4izhT4-4wM72w-3wKxZf-4sFnUv-2jakLfB-6mCW5r-nvFxJ-dWP1hB-cpda4-pfYqe-b8sva-xGWZG-n868A-989Y2o-JR9tF-2kpTkWP-3XXbYa-CvZEhf-9jB3wz-9tkW3v-4TrSg-dHUSSQ-9jB3Dc-di2Eay-crCqfs-p44bpn-6PvxbX-25RXdi9-8nKCwT-6stTeQ-aERAyd-bkd1ZF-5xiE39-4wRXWH-VSvNwX-2jdALZT-74LAyn-3aebuH-8gc3K7-q33z9i

20.09.2022 Скопје

„Еуроникел“ и рудниците „Бучим“ и „Боров дол“ се само мал дел од компаниите кои поради прескапата струја во изминативе месеци го прекинаа редовното производство. Принудените одмори на работниците секојдневно стануваат реалност и сите ги очекуваат владините мерки кои се најавени за крајот на месецот кои треба да значат поддршка за стопанството во Северна Македонија.

Од „Еуроникел“ велат дека струјниот удар сериозно го има потресено производството, имајќи предвид дека станува збор за производствен капацитет кој во земјава е најголемиот поединечен потрошувач на електрична енергија.

Рудниците „Бучим“ и „Боров дол“ на Денот на рударите 28 Август, на сите вработени им доделија парични награди за вложениот труд, но и им соопштиле дека од 1 Септември времено ќе го прекинат производството и дека периодот ќе биде искористен за да се отпочне со инвестициско вложување во обновливи извори на енергија.

Од „Бучим“ и „Боров дол“ нагласиле дека во текот на привремениот прекин со производство, вработените ќе бидат исплатени согласно законските прописи.

Од Сојузот на стопански комори на Северна Македонија потврдуваат дека секојдневие станува запирањето на производството во некои фирми кои нема да можат да го издржат ценовниот удар на струјата и оставаат избор на фирмите дали тие ќе сакаат тоа да се изнесе во јавност или не.

Од Сојузот на стопански комори на Северна Македонија во континуитет укажуваат дека ударот врз реалниот сектор како последица на енергетската криза е многу силен, и без соодветна помош од страна на државата голем број на деловни субјекти нема да опстанат.

Од Стопанската комора велат дека до Владата имаат доставено пакет од 14 предлог мерки и решенија кои произлегуваат од потребите на реалниот сектор и за кои се смета дека ќе може да се намалат штетните последици. Стопанската комора на Северна Македонија во изминатите месеци постојано ја алармираше Владата за да превземе мерки во поглед на снабдувањето на електрична енергија на компаниите, со цел да не запре нивното производство со што ќе има негативно влијание врз целата домашна економија, а и врз буџетот на државата.

Подготвено од М.Н.

About Author