29.09.2022 Скопје
Џулиен Смит, амбасадорката на САД во НАТО, изрази загрженост за стабилноста на Западен Балкан.
Амбасадорката Смит објасни дека САД одблиску ги набљудуваат случувањата во регионот, каде овој викенд ќе се одржат избори во Босна и Херцеговина, а ситуацијата во Косово покажува знаци на тензија.
Амбасадорката, во однос на Босна и Херцеговина, изјави дека се чека изборите да поминат и да се види што ќе се случи. Воедно, таа потсети и дека мандатот на воената мисија на ЕУ, Алтеа, во Босна и Херцеговина треба да биде обновена во ноември и изрази надеж дека тоа нема да налета на пречки. Мандатот го одобрува Советот за безбедност на Обединетите Нации каде членува Русија. Смит изрази надеж дека Москва ќе даде зелено светло. Дипломатите во НАТО не гледаат причина Русија да ја блокира мисијата со оглед на тоа дека таа им е од корист на сите страни.
Во врска со ситуацијата во Косово, Смит истакна дека САД изразуваат целосна поддршка за дијалогот меѓу Србија и Косово под медијаторство на Европската Унија, повторувајќи дека процесот треба да се заокружи со меѓусебно признавање на двете страни.
За безбедносната процена за регионот, американската амбасадорка во НАТО изјави дека се загрижени од потенцијалната нестабилност во регионот, но не изнесе повеќе детали.
Амбасадорката Смит објасни дека и покрај војната во Украина, Вашингтон останува внимателен и за ситуацијата на Западен Балкан.
Во однос на последните случувања со Северен поток 1 и 2, Смит се повика на ставот на Северноатлантската алијанса објавен денеска на оваа тема, и посебно на реченицата дека сојузниците ќе одговорат на обединет и одлучен начин во случај на намерен напад врз инфраструктурата на земјите членки на НАТО. Во моментов се чека исходот од истрагите за да се утврди кој стои зад експлозиите и истекувањата на плин од гасоводите во Балтичкото Море.
Амбасадорката Смит, во однос на заканите за употреба на нуклеарно оружје на претседателот Путин, го повтори ставот на Белата Куќа дека доколку тој искористи било кој дел од нуклеарниот арсенал ќе има катастрофални последици.
Подготвено од А.Ѓ.