20.09.2022 Скопје
Поголем распуст или онлајн настава за учениците во основното и средното образование за време на зимските месеци предлагаат повеќе градоначалници, откако пред десет дена иницијативата потекна од градоначалниците на Гостивар и Тетово, Арбен Таравари и Биљал Касими, кои тогаш имаа упатено и официјално барање до Министерството за образование и до заедницата на локалната самоуправа.
Градоначалниците се жалат дека сметките за струја во училиштата им се зголемени за најмалку четири до пет пати и дека за време на зимските месеци нема да можат да ги плаќаат фактурите.
Градоначалникот на Гостивар Таравари, преку нова изјава пак го повтори своето барање, или распустот да трае два месеци или да бидат учениците на онлај настава во студените месеци.
Од Министерството за образование изјавиле дека засега само ги разгледуваат сите пристигнати иницијативи, но се уште немаат конкретно решение кое би можеле да го изнесат како конечна одлука.
Предлозите на Таравари и на Касами се прифатливи и за градоначалникот на Штип и за други градоначалници во полошкиот регион.
Иван Јорданов, градоначалникот на Штип, изјавил дека ќе иницираат и училиштата и комуналните претпријатија да плаќаат струја како домаќинствата и градинките, а не индустриска струја и овој предлог исто така бил испратен на разгледување до ЗЕЛС и до Министерството за финансии.
Министерот за економија Крешник Бектеши кажал дека овие предлози треба да се разгледаат прво во Минитерството за образование, чиј што став е дека училиштата треба да бидат отворени за време на целата учебна година и наставата да си биде со физичко присуство, бидејќи тоа е во интерес на сите ученици.
Подготвено од М.Н.