03.09.2022 Скопје
Москва ја изрази својата загриженост затоа што се уште не се добиени американски визи за членовите на руската делегација која ќе ја предводи министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, за учество на Генералното собрание на ОН.
Официјална Москва со писмо се обратила до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и во писмото било наведено дека ниту еден од 56-те руски дипломати немаат се уште добиено визи за влез во САД. Освен дипломатите, визи немаат добиено и новинарите и членовите на екипажот на авионот со кој треба да патува рускиот министер.
Според договорот од 1947 година, меѓу САД и ОН, Америка не треба да го спречува транзитот на претставници на земјите членки до седиштето на ОН.
Потпаролката на генералниот секретар на ОН за медиуми изјавила дека се во близок контакт со САД во однос на прописите од договорот усвоен во 1947 година.
Во писмото било наведено дека ситуацијата е загрижувачка, бидејќи со месеци американските власти постојано одбивале да издадат визи на голем број руски делегати кои требало да присуствуваат на официјални настани на ОН, и го повикале САД да ги почитува своите законски обврски и во најкус можен рок да ги одобри визите на руските дипломати.
Подготвено од М.Н.