18.09.2022 Скопје
Мексиканските медиуми објавија дека премиерот на Република Албанија, Еди Рама, е поврзан со картелот „Синалоа“. По што, албанскиот премиер Рама изјави дека не познава никаков картел и дека го искенираат луѓе со штетни намери.
Албанскиот премиер Еди Рама во врска со поврзаноста со споменатиот картел и браќата Хаса, кои пред две години се фотографирани како излегуваат од кабинетот на Рама, изјави дека медиумите насекаде пренесуваат и вистини и лаги. Воедно, додаде дека не знае како се прави сето ова без никакво истражување и без никаква верификација, а истакна дека сето ова е навистина болно и одвратно, но тој е прилично немоќен да направи што било освен да ја стави неговата моќ на располагање на вистината и фактите.
Албанските медиуми пренесуваат информација од мексиканските медиуми под наслов „Туризмот во Албанија се развива со црни пари од нарко картелот Синалоа на Ел Чапо“. Додека пак, мексиканските медиуми наведуваат дека споменатиот картел „пере“ пари во Албанија и во бизниси, недвижности и во туристичкиот сектор, како и дека шефот на фракција на картелот „Синалоа“, Исмаел Замбада Гарсија, познат по прекарот „Ел Мајо“ склучил сојуз со албанската мафија.
Според мексиканските медиуми, „Ел Мајо“ има свои врски со браќата Луфтар, Арбен, Фатос и Рамиз Хиса, кои се дел од албанска криминална група.
Во написот што го пренесуваат албанските медиуми, стои дека гореспоменатите поседуваат мрежа на казина и бизниси во Сонора, Долна Калифорнија и Квинтана Ру, во кои „перат“ милиони долари од организираниот криминал. Исто така, стои и дека покрај сето тоа, инвестираат големи суми на пари во Албанија за инвестиции насочени кон коцкарски активности и во областа на туризмот.
Мексиканските федерални власти соопштија дека браќата Албанци, во име на картелот „Синалоа“, спроведуваат операција за префрлање милиони долари во нивната земја преку фиктивни фирми.
Подготвено од А.Ѓ.