28.09.2022 Скопје
Денеска, на 28 Септември – Меѓународниот ден на безбедниот абортус, илјадници поборници за репродуктивна слобода до своите влади во светот упатуваат барање за родово праведно општество во кое абортусот ќе биде безбеден, легален и пристапен за сите жени, без стигма и дискриминација.
Платформата за родова еднаквост нагласува дека пристапот до услуги за репродуктивно здравје мора да биде гарантиран, дури и во услови на криза. Ова е особено важно ако се земат предвид економската и воената криза кои директно влијаат на финансиската и социјалната стабилност, а со тоа и на добросостојбата на луѓето низ светот, па и во земјава.
Во соопштението од Платформата за родова еднаквост која обединува околу 30-тина невладини организации се наведува дека иако постојниот закон за прекинување на бременоста во Македонија е полиберален од претходниот, тој сепак не предвидува покривање на трошоците доколку оваа здравствена услуга се бара поради социјални или материјални причини. Потенцирано е и дека третирајќи го абортусот како есенцијална здравствена услуга само кога постои медицинска причина, Фондот за здравствено осигурување и останатите надлежни институции ги доведуваат во безизлезна ситуација жените кои не сакаат да ја продолжат бременоста и кои се во социјален ризик или живеат во сиромаштија.
Платформата за родова еднаквост апелира надлежните институции во земјава да ја препознаат потребата на сиромашните и маргинализираните жени за абортус и да овозможат финансиски достапни цени за оваа есенцијална здравствена услуга, особено во време на криза. Во спротивно, државата директно ќе ги турка жените во уште поголема сиромаштија и во социјална небезбедност, а не е исклучено и дека ќе ги присили да побараат поевтини нелегални опции за абортус, со што директно би биле загрозени нивното здравје и добросостојбата на нивните најблиски.
Подготвено од А.Ѓ.