02.09.2022 Скопје
Во рамките на саемот „Винска визија на Отворен Балкан“, Северна Македонија, Србија и Албанија потпишаа договор за обезбеденост со храна. Како што објави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, на својот фејсбук профил, договорот ќе овозможи земјите членки на Отворен Балкан да си помагаат меѓусебно во случај на прекин на синџирите на снабдување со храна како последица од глобалната криза.
Договорот е уште една потврда дека Србија, Албанија и Северна Македонија се заедно во овие тешки времиња. Денес се постигна уште еден голем успех, уште една цел од која најголем бенефит ќе имаат нашите народи, стои во објавата на фејсбук на министерот Николовски.
Согласно Договорот, доколку некоја од земјите се соочи со недостаток на храна, другите две земји искажуваат силна подготвеност да помогнат со тоа што нема да има забрани за тргување со основните земјоделско прехрамбени производи.
Ова е отворен балкан и трите пријателски влади, ова се трите соседни народи кои се обединети со јасна визија за тоа како треба да изгледа вистинско добрососедство, базирана на солидарност, потенцира во објавата министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Подготвено од М.Н.