https://www.facebook.com/photo.php?fbid=638335094517580&set=pb.100050232861148.-2207520000..&type=3

18.09.2022 Скопје

На погребот на Кралицата Елизабета Втора ќе присуствуваат голем број светски лидери и истиот ќе претставува најголем безбедносен предизвик во историјата на Лондон.

Поминати се децении откако толкав голем број светски лидери беа собрани на едно место и може да има луѓе кои ќе сакаат да нанесат штета на поединци или на некои од светските лидери. Воедно, Агенцијата Анадолија пренесува дека погребот на Кралицата Елизабета Втора ја вклучува најголемата безбедносна операција што Лондон ја има видено досега.

Садик Кан, градоначалникот на Лондон, нагласи дека државниот погреб на Кралицата Елизабета Втора, што треба да се одржи во текот на утрешниот ден, претставува досега невиден безбедносен предизвик, со стотици илјади луѓе во центарот на градот и стотици гости на погребот, меѓу кои голем број светски лидери и членови на кралското семејство. Исто така, Кан додаде дека полицијата и безбедносните служби работат напорно за државниот погреб да се одвива без инциденти.

За утрешниот ден, ќе бидат мобилизирани над 10.000 полицајци, заедно со засилување што ќе пристигне од цела Велика Британија. Воедно, привремено е забрането летањето на дронови над центарот на Лондон, а аеродромот „Хитроу“ утре ќе приземји голем број летови, со цел да спречи бучавата од авионите да го наруши одвивањето на погребот.

Властите се соочуваат со предизвикот да заштитат околу 500 светски лидери. Претседатели, премиери и членови на кралското семејство ќе се соберат на едно место пред да бидат однесени со автобус до Вестминстерската опатија. Додека пак, исклучок беше направен за американскиот претседател Џо Бајден, кој се очекува да пристигне со својата блиндирана лимузина.

Кралицата Елизабета Втора ќе биде погребана во капелата Свети Џорџ, во замокот Виндзор, покрај местото каде што е погребан нејзиниот сопруг, принцот Филип. Принцот Филип почина минатата година на 99 – годишна возраст.

Стјуарт Канди, заменик-помошникот на комесарот на Метрополитенската полиција, истакна дека исклучително сложената полициска операција е најголемата во историјата на лондонските безбедносни сили и дека ги надминала Олимписките игри во Лондон, во 2012 година.

На погребот на Кралицата Елизабета Втора не се поканети Русија и Белорусија, поради инвазијата на Украина. Воедно, не се поканети ниту лидерите на Мјанмар, бидејќи таму на власт е воена хунта, а покана не доби ниту Северна Кореја. Додека пак, не се добредојдени ниту претставниците на Авганистан, Сирија и Венецуела.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author