30.09.2022 Скопје
Со симболично доделување на картички за „зелена нафта“ на земјоделците во прилепските села Мало Коњари и Кадино Село, официјално започна исплатата на средствата за зелена нафта.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, изјави дека исплатата е навреме за есенската сеидба. Со оваа исплата и со субвенциите за млекото, наскоро и за градинарските култури, се заокружуваат големите обврски за земјоделците за 2021 година.
Фокусот сега ќе биде на мерките од интервентниот фонд за кој се обезбедени 500 милиони денари со ребалансот на буџетот, тоа ќе донесе исплата и за оваа година.
Директорот на Платежната агенција ја има најавено и новата мерка-аванс на исплата за овоштарите, во ноември се очекува исплата на 30 отсто на сите оние кои имаат аплицирано во август оваа година.
За есенската сеидба во Прилепско ќе бидат ставени во функција дополнителни 2.600 хектари за што се потпишани договори со над 300 земјоделци за земање под концесија на државно земјоделско земјиште.
Со овие нови договори се стимулира да се засадува повеќе житни култури, особено сега со зелената нафта, и очекуваме зголемени површини за 30 отсто да бидат под житни култури.
Земјоделците од прилепските села кои ја имаат добиено картичката за зелена нафта се задоволни и велат дека субвенциите помагаат многу и доколку има добри откупни цени обработливите површини ќе се зголемуваат секоја година се повеќе.
Подготвено од М.Н.