08.09.2022 Скопје
Почина најдолговечната кралица Елизабета Втора на 96 години. Оваа информација ја потврдија од официјалната страна на кралската палата. Инаку претходно денеска лекарите објавија дека се загрижени за здравјето на кралицата и препорачале кралицата да остане под медицински надзор во замокот Балморал, по што веднаш биле известени сите членови на кралското семејство.
Британската премиерка Лиз Трас изјави дека нејзините мисли и мислите на целото Обединето кралство се со кралицата и дека сите се длабоко загрижени за нејзиното здравје. Објавата за смртта на кралицата доаѓа по неколкумесечните вести за нејзиното влошување на здравјето.
Кралицата Елизабета е родена на 21 април 1926 година во Мејфер, Лондон, како прво дете на војводата и војвотката од Јорк. Нејзиниот татко се искачи на тронот во 1936 година, по абдицирањето на неговиот брат, кралот Едвард Осми, со што Елизабета стана наследник на тронот.
Подготвено од М.Н.