23.09.2022 Скопје
На маргините на 77-то Генерално Собрание на Обединетите Нации, министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Полска и Шведска, Бујар Османи, Збигњев Рау и Ан Линде одржаа состанок, како дел од тројката претседавачи со ОБСЕ. Исто така, на средбата учествуваше и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид.
Од Министерството за надворешни работи соопштија дека на состанокот, соговорниците размениле мислења за улогата на ОБСЕ во светлина на руската агресија врз Украина и го повториле својот повик до Руската Федерација да ја прекине агресијата, да ги повлече своите сили од Украина, како и да се усогласи со принципите на ОБСЕ.
Во фокусот на средбата биле и случувањата меѓу Ерменија и Азербејџан. Во врска со овие случувања, министрите и генералниот секретар разговарале за можностите за посилно вклучување на ОБСЕ во областа.
Во врска со неодамнешните вооружени судири на границата меѓу Киргистан и Таџикистан, соговорниците побараа од страните да го почитуваат прекинот на огнот и да ја стабилизираат ситуацијата со дипломатски решенија.
На средбата се истакна и потребата од усвојување на Буџетот на ОБСЕ, а воедно беа поздравени и приоритетите на претстојното претседавање со ОБСЕ на Северна Македонија, фокусирани на заштита на принципите и заложбите на ОБСЕ.
Во соопштението на Министерството за надворешни работи стои и дека министерот Османи ја реафирмира поддршаката на актуелниот претседавач и на генералната секретарка на ОБСЕ во справувањето со моменталните предизвици, а ја искажа и важноста на употребата на искуството и ресурсите на ОБСЕ, како алатка во процесот на барање на одржливи решенија.
Подготвено од А.Ѓ.