21.09.2022 Скопје
На маргините на 77-то Генерално заседание на ОН, во Њујорк, министерот за надворешни работи Бујар Османи и вишиот советник на САД за кавкаски преговори и долгогодишен пријател на Северна Македонија, Филип Рикер, оствариле средба. Во фокусот на средбата биле темите за претстојното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година, со акцент на приоритетите, предизвиците и идните планирани активности во овој контекст.
Од Министерството за надворешни работи соопштија дека било реафирмирано и силното сојузништво меѓу Северна Македонија и САД, со посебен акцент на неодамна одржаниот стратешки дијалог меѓу двете земји, како значајна пресвртна точка во севкупните билатерални односи. Воедно, од МНР информираа и дека соговорниците се осврнале и на неодамнешното отпочнување на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија, при што Османи упатил благодарност за силната поддршка од САД за нашиот евроинтегративен процес, а беше поздравен и континуираниот американски ангажман во Западен Балкан како значајна гаранција за стабилноста и напредокот на целокупниот регион, што е од особена важност во контекстот на актуелните безбедносни предизвици.
Подготвено од А.Ѓ.